Патувачки дневник: Мароко - пустината (дел 2)



Види претходно: Патувачки дневник: Мароко – пустината (дел 1)

Станавме сабајлето рано за на доручек. Рекичката жубореше, ветрето пиркаше, сонцето уште го немаше допрено кањонот.

Се искачивме со комбето по едно патче до врвот на кањонот да си ги исплакнеме очите со глетка што најдобро може да се опише како: АЈМДКИНГОФДВОРЛД.



Првата дестинација на патот накај пустината повторно беше берберско село. Луѓето таму не зборуваат арапски, а не ни разбираат арапски, зборуваат само берберски што си е оригиналниот јазик на кој што зборувале тие племиња таму пред да ги поробат арапите. Всушност самите луѓе не се арапи, туку бербери, од арапите го имаат само прибрано јазикот и религијата, бидејќи овие нели ги поробиле. Пробав да ги распрашам што религија имале претходно, пред арапите, и дали има некои богу-иза-леџа села во Мароко каде што таа религија уште се практикува (како на пример што може да се најдат заратрустријанци во Иран). Нема. Ниту пак знаеја да ми кажат како им се викала религијата пред исламот да ги окупира.


Фатима кус кус
What kind of religion did the Berbers have before Islam?
Oh, just pray to God.
Yes, but how was it called?
No name. Just God.
Was it one God or many Gods?
I don’t know….

После тоа изгуглав, 99% од земјата се муслимани, останатиот еден процент се христијани и евреи. Амејзинг!

Како и да е, берберското село бешe онакво село какво што опишав во минатиот пост – со куќи од кал и сено, во долина со многу зеленило и голи брда од околу. Берберите не примија во нивниот дом, не почастија со мароканско виски – чај од свежо нане, и ни покажаа како произведуваат теписи. Рачно предење волна и рачно ткаење. Нам пак не толку непознато, сепак бабите наши ткаеле теписи, а се уште плетат и везат, така да ручни рад не ни е толку егзотичен како на германците на пример.

45 минути подоцна – излеговме од куќата со две мини килимчиња. Да, Ивана и Буце си купија чергичиња. Килимчињата навистина убави, со традиционални марокански мотиви, меѓутоа ние бевме со рачен багаж и буквално немавме место ни за магнетите што ги купивме, а тие си купија килимчиња. Пресреќни. Океј. Во Маракеш ќе си купиме еден куфер и ќе делиме трошоци за него, барем да испазариме на раат уште по некоја дрангулија.



Попладнето стигнавме во пустината. Камилите не чекаа, најадени, напиени, одморени. Си дремеа пред хотелот и си се бацувкаа.



Ни рекоа да земеме работи само што ќе ни се потребни за вечерта, меѓутоа ние ги земавме СИТЕ алишта.
Добро СЕ што носиш ќе ти треба за вечер?
Да.
И ова џамаданчево?
Да.
И овие шалвариве?
Да.

Ок. Сосе цел ранец со алишта за тројца луѓе за три дена се качив на камилата. Кога им викаат на камилите да станат (тоа звучи некако како ц ц ц) не те предупредуваат дека им дале ишарет, па ти си седиш онаков лабав ееееј види ме на камила седам, и одеднаш предните нозе бааааааам се обидуваш да не паднеш на грб, и таман си створил рамнотежа, задните нозе баааааааааам се обидуваш да не треснеш на нос, и дур кажеш wow camel woooow, таа се исправила и ти седиш на неа. Мач ексајтмент.



Се исправивме и правац шаторите. Имавме саат време јавање камили. Јавање камила ти е како да многу дебел коњ со искршени тенки нозе. Одењето по рамно и нагорно тло е супер, меѓутоа одењето по удолница е лудница. Секој чекор, ногата на камилата пропаѓа до пола во песок, и кога ќе прекине да пропаѓа те фрла нанапред, и со секој чекор мислиш дека преку камила ќе си го заринеш носот директно во дините. После саат време јавање, имате гарантирано воспалени мускули на подлактиците.



После 45 минути застанавме, да го гледаме зајдисонцето. Симнувањето од камила – три пати појако од качувањето. Повторно доаѓа бедуинот, и им кажува нешто на камилите (нешто као цуцуцу) и тие дур да кажеш Гармишпартенкирхен предните нозе даааааааааааааааанг, на колена. Ако не се држиш или ако не те држи бедуинот (што го прави во 95% од случаите) леташ ЗА ГА РАН ТИ РА НО.



Во моментот кога се симнавме од камилите, рекцијата беше: еврибади гоу крејзи! Шпанките се фрлаа и тркалаа низ песокот како tumbleweed, јас правев ѕвезди и стој на раце, германецот отиде на врв на некоја дина да ужива во својата самотија, а Буце и Ивана исто се качија горе на едно сртче да се спремиме за зајдисонцето.



Зајдисонцето не беше така МАГИЧНО како што го опишуваа, меѓутоа глетката беше навистина убава.



Од сртот каде што седевме, се гледаа два кампа: Едниот со бели гламурозни големи шатори, другиот со кутри мали црни шатори. Погодете каде спиевме ние!

Јас, како човек што обожава кампирање и спиење по шатори, се осеќав како во Шератон. Влегувам во шаторите: постелнина, перници, ДУШЕЦИ (!!!)…. Абе Шератон!!! Влегуваат Ивана и Буце после мене во шаторот: ЈАС ОВДЕ НЕ СПИЈАМ!

Бевме сред пустина и немаше мрежа, иначе Мустафа повторно ќе добиеше повик од Ивана, тоа можам да ви гарантирам.

Ни зготвија вечера и ни тропкаа на тамбурите ритми што ни нашите седумосмински сетила не можат да ги фатат. Покрај шаторите имаше борд. Цел живот скијам и никогаш немам пробано да бордам, па колку и да се осеќав авантуристички расположена, не ми се кршеа нозе во Мароко. Барем да беше дење, да можам да гледам на каде се спуштам. А и влечкањето на бордот пешки угоре ми се виде ту мач ефорт. Се решив дека ќе останам во хотелот со пет ѕвезди и ќе го гледам небото. А на него млечен пат. Извезен. Прекрасно.



Ивана и Буце око не склопија во шаторот, јас заспав како јагне. Буце беше стаписана како мумија, а Ивана само си повторуваше на глас: Ајде Ивана, уште 6 саати, ќе издржиш. Ајде Ивана уште 5 саати, ќе издржиш. Ајде Ивана уште 3 саати, ќе издржиш…

Не разбудија рано сабајлето да го фатиме изгрејсонцето, околу кое никој од нас не беше многу возбуден. Сепак бевме малку спиени, а и јавањето камили се чинеше потешко од претходниот ден.

10 саати подоцна бевме во Маракеш, Ивана и Буце ги гушкаа креветите.

Следно: Маракеш

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top