Види претходно: Сием Рип
Сихануквил е градче во Тајландскиот залив, поприлично грдо. Меѓутоа затоа околните плажи и острови надокнадуваат. Се истоваривме на автобуската и во координација со Австралијанците што ги запознавме во автобусот се упативме кон Отрес бич.
Отрес бич е едно место каде што времето не тече. Паралелен универзум каде што сè е споро, сè се случува полека, сè e во slow motion. Сите бунгалови и ресторани се сопственост на странци, и сите келнери и шанкери се исто така странци. Сите кувари се камбоџанци.
Водата е кристално чиста, ветрот доволно слаб за да не ти студи при сончање, а доволно јак за да не го осеќаш сонцето како пече. Мачките си играат со глувците, кучињата со мачките, луѓето со кучињата, сите живеат во една совршена хармонија.
Марихуана се пуши 24/7, тотално нескриено и отворено.
Смештајот е смешно ефтин, цените за спиење во бунгалов на плажа се движат од 5 долари за ноќ во хостел до 15 долари за луксузен бунгалов со сопствено веце. Ние одбравме среднобуџетска варијанта и плативме по 10 долари од вечер за сопствен бунгалов со заедничко веце. Да се потрудевме малку, можеби ќе најдевме и нешто поубаво и поефтино, ова беше првиот смештај на кој што налетавме.
Сунце пичи, ми роштиљамо. Брановите шушкаат, а на звучниците на тивко идат Dire Straits, албум по албум. Бев во рајот.
После неколку дена се навикнавме на целиот тој амбиент на чил, полека и ќе биде, и целиот успорен филм веќе не нè нервираше толку. Ќе застаневме на шанк, и откако ќе разврзевме минимум 10 минутен муабет со келнерот, тек тогаш ќе нарачавме по едно пиво.
На еден ден отидов и до градот, чисто да го видам и тој да ме види мене. Секако, повторно отидов со точак. Луѓето од кои што го изнајмив точакот беа французи. Чисто да ви доловам дека и други нации знаат да претeраат со патриотизмот и националните обележја во странство, пред влезот на хотелот што го држеа имаше два огромни мермерни петли. Доволно.
Градот прилично грд. Еден од австралијанците имаше право. “Unless I’m in urgent need of a hospital, I’m not going there again.”
Секоја сабота во селото блиску до плажата се случува најт маркет. Тоа е еден голем хипи настан каде што се пушти трева на кило, се свират акустични музики, се готват разни интернационални манџи, се продаваат секакви пијачки, има дрангулии на сите страни. Настанот е покрај река, дрвена подлога на која се постелени черги, сите седат на земја, комарците касаат како луди, а реката жубори ли жубори.
Во Сихануквил останавме 7 дена. Во главно на плажа, пиејќи пиво. Најпознатото пиво се вика Ангкор и чини строго 50 центи. Навечер, некогаш и по еден долар. Грев да ти е вода да се напиеш, грев да ти е со вода да се истушираш.
Кога со тешко срце се одлучивме после 7 дена да го напуштиме Сихануквил, бидејќи летот ни беше назад од Виетнам.
- Добар ден, карта за директен автобус до Хо Ши Мин?
- Имаме.
- Ама директен така?
- Да да, директен.
Ај, бар имаше вентилатори пуштени. После неколку саати дојдоа тројца батки: ти со мене, ти со мене, ти со мене, и сосе куферите и ранците не качија трите на по едно скутерче. Ја возбуда миљон, и тоа го доживеав во Виетнам на скутер да се возам, изговорувајќи ја молитвата за преживување кон боговите на патувањето. Не истоварија скутерите на некоја автобуска, ова ви е автобусот. Хо Ши Мин? – Да. Супер. Влеговме во нешто налик на градски автобус, кој што имаше дупло повеќе патници од седишта. Си стоеја луѓе, висеа од врата, седеа на коклици во средината на автобусот, а тој застануваше на секои 2 километри, не за да истовари некого, туку за да качи уште луѓе.
Едно кутро виетнамче татко му го остави да спие на земја, Ирина го зема во скут, и заспа дур да кажеш напалм.
Цел пат оди по делтата на реката Меконг. Се истоваривме во некој град. Хо Ши Мин? аааа не. Ок, апарентли директен автобус значи менување 3 автобуси во Виетнам.
После многу натегање и убедување, успеавме да се качиме во третиот автобус, кој што за разлика од градскиот претходно, беше нормален автобус со замисли: ВИФИ на него. Ова беше последниот автобус на нашето патување. Автобуси ноу мор.
7 саати подоцна стигнавме.
Здраво Хо Ши Мин. Повторно.
0 comments:
Post a Comment