Прирачник за автокефалност

Автокефалност ти е институција. Нема цура и нема фраер во Скопје, а и пошироко, што не бил автокефален во младоста. Не знам младиве сега колку се автокефални, слушам многу биле високи казните ако те фатат како практицираш автокефалност на лице место, ама сигурна сум дека се бестрашни и ризикуваат. Луѓето што не се автокефални во младоста после стануваат автокефални на постари години, бидејќи кога тогаш таа фаза во животот мора да се помине, ко цицање млеко, бубулки на лице, заљубување, патење од заљубување итн. 

Нејсе, како и да е. За да бидеш автокефален, пред се мора да поседуваш ауто. Свое. Или на твоите. Не може да бидеш автокефален со туѓо ауто. Тоа потекнува од самото значење на зборот автокефалност - независност.

Автокефалноста се практицира пред се навечер. Сум била и директен сведок на практицирање автокефалност сред бел ден. Не дека е забрането или не, меѓутоа не е редовна пракса. Автокефалноста се практицира обично во зашумени темни и ненаселени предели. Во Скопје омилена дестинација за практицирање автокефалност е парк шумата Водно. Одма после неа следи градскиот парк. Други не знам, у мое време беа тие.

И покрај тоа што автокефалноста се однесува ниво на целото ауто, постојат два подвида на автокефалности: автокефалност на предно седиште и автокефалност на задно седиште. Разликата меѓу првата и втората е што првата може да се практицира и у вожња, додека втората се практицира исклучиво дури е возилото во мирување.

При практицирање на автокефалноста може да се случи да налетаат комшии кои што исто така сакаат да бидат автокефални. Многу е битно при таква ситуација е да не се обраќа внимание на туѓата автокефалност. Тоа е така едно преќутно правило и пракса меѓу оние што практицираат автокефалност, да се концентрираат исклучиво на автокефалноста на аутото во кое што се наоѓаат.

Има и такви особи кои што милуваат и љубат да ја набљудуваат туѓата автокефалност. Опеани во една легендарна песна на Студени Нозе, во народот се познати како пазачи. Сите што во одреден период од својот живот редовно биле автокефални дошле бар еднаш во контакт со овој вид суштества. Генерално се безопасни но крајно непријатни.

Физичката предизпозиција за жал (или среќа) е голем фактор за успешно практицирање автокефалност. Надпросечни висини и тежини се имаат покажано како фактори кои што негативно влијаат врз степенот на задоволство при практицирањето автокефалност. Меѓутоа,  како и кај другите занати, репетициум матер студиорум ест. Редовните практицирачи на автокефалност тврдат дека и двометраши и стокилаши немаат никакви потешкотии со автокефалноста.

Најважно при завршување со практицирање на автокефалноста е незагадување на околината. Тоа се прави на тој начин што реквизитите кои што ги користите за овозможување повторна автокефалност и спречување нагло растење на стомакот не се фрлаат низ прозор, туку се завиткуваат во хартија (или нешто слично) и се фрлаат во најблиската корпа за отпадоци. На тој начин околината останува чиста и благопријатна за повторно практицирање автокефалност.

Чувајте ја природата, практицирајте автокефалност ноќе и дур сте млади и гледајте да не ве фатат.

*инспирирано од


CONVERSATION

0 comments:

Back
to top