Таксират 14

Интернетот е светска работа. И она што го прави толку светски е што до бесконечноста и назад можеш да откриваш нови музики, да преслушуваш, да филтрираш, споделуваш... и сето тоа за ич пари. Едно време не беше така. Едно време за да бидеш фан на некој бенд/музичар требаше навистина да се потрудиш да стигнеш до нивната музика. Да ја чекаш омилената песна на радио, да преснимиш касета, да купиш цд или да го позајмиш цедето од другар... Нејсе, времињата се менуваат. Колку што едното време има предности, толку другото има мани. И обратно.

Но вистинската убавина во музиката е откривање нови бендови и музичари во живо. Да немаш појма кои се, што се, од каде се и зошто се, и вистински без никакви претходни прочитани рецензии да дозволиш на твоите уши и очи да оформат оцена. И покрај тоа што можев да ги симнам сите албуми и изданија на годинешните изведувачи на Таксират, намерно не слушнав ниедна песна од Скиндред, Че Судака и Паров Стелар. Врска немав кои се, но да, сега имам нови омилени бендови и музичари на списокот. 

А најмногу ќеиф ми прави што на толку хејт и јадење вафли дека преку глава од резидент диџеи  ко Кирил Џајковски на таксират, Хала 1 на Саем беше преполна, и чинам за прв пат на Таксират таква и остана, преполна до крај, до 4 сабајле.

Нозете ме болат, се рехабилитирам цел ден, сумирам импресии и имам некој глупав осмех на лицето како тазе заљубена тинејџерка. Скиндред, ви го симнувам дискографија во моментов.  Пиратски се разбира, пари за музика давам само за македонски бендови. Но метал и реге, па алал вера на комбинацијата. Чиста Околина - шознамшодавиречам, пеперутки имав во стомак пред да излезете на сцена. Вие wannabe Manu Chao бендот - Че Судака, ич не ви се лутам што малку личите на бледа копија. Се изнаигравме за сите пари, пак да ни дојдете, пак ќе дојдеме да ве слушаме. Ван Гог - доаѓајте уште сто пати, пак ќе доаѓам да ве гледам, само аманте исфрлете ја Неко те има ночас од репертоар, песната по кафани ви ја свират. Паров Стелар - суперсекси свинг со ултрасекси пеачка, се осеќав ко на white sensation парти да сум некаде во Амстердам. А на Џајковски може сите да му се фатат. Резидент - нерезидент, човекот ја одржа халата полна до 4 сабајле, и на крај качи пола од луѓето на бина! Даб степот никогаш не ми звучел поубаво.


Ни посакувам уште многу многу многу таксирати, уште многу квалитетна музика во живо, уште многу нови бендови што публиката врска нема кои се и ќе си створи мала но искрена мак публика, и уште многу светски фаци за да почнат конечно и од околината да доаѓаат во Скопје наменски на фестивали. Доста ги трошиме платите во Белград, Софија и Солун. АЈЕ! Да живее рокенролот. Смрт за турбофолкот, слобода за народот! 

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top