За многу години Маќедонци

Овој Илинден сум во туѓина. Но сепак се осеќам празнично. Си ја сакам татковината, а овој ден има посебно значење во нејзината историја. Колку и да им е смешно на странци што славиме 10 дена ослободување на планинско градче во сред пусто турско, тие 10 десет дена имаат многу посуштинско значење отколку само фрлањето на Питу со камења врз Турците. Кој го прочитал манифестот крушевски знае. Зошто не бил тоа само повик против Турците, туку бил повик ЗАЕДНО БЕЗ РАЗЛИКА НА ВЕРА И НАЦИОНАЛНОСТ против Турците. Повик да се натпреваруваме во култура, а не во оружје. Повик да се почитуваме меѓусебно, а не да се омаловажуваме. Идеи, премногу прогересивни за нивното време.
image
100 и кусур години подоцна, тие идеи чинам се сеуште премногу прогресивни за нас. Пуштив интермец да гледам како секој добар гастарбајтер пренос во живо од прославите по повод Илинден. Во моментот на вклучување Прецедникот Хорхе се поклонуваше на Ченто. Одржа после тоа краток говор, со неколку клишеа, за мој вкус прилично безличен. После кратко музичко интермецо програмата продолжи да се емитува во живо од сред Мечкин Камен.
Започна прославата со еден халуцинирачки говор со црковна музика во позадина. “На Свети Павле му се јави Македонец на сон и му кажа: Дојди помогни ни?!?” Таму во духот на Крушевската Република македонска фаланга со копја малку пократки од 5 метра ја чуваа бината. Репортерката им даде шанса на неколку гости јавно да кажат како се осеќаат по повод празникот. Тие одговорија: “Емиииии …. убаво…. да…. убаво”. Зашто не знаеа да склопат простопроширена реченица, мораше таа да им ги пикне зборовите во уста дека ова е најголемиот државен празник на Република Македонија кој што треба сите да го славиме и да бидеме горди на нашата историја, а тие климаа со главите и повторуваа: Да…. да….
И додека интервјуираше репортерката една жена специјално дојдена од Сиднеј, Астралија по повод прославата, во позадина масовно на цел Мечкин Камен се слуша: УААААААААА!!! УАААААААА!!!! Си викам дошле Турците, нема друго. Нив ги свиркаат. Ми се проврте една неверојатна мисла низ глава дека Бранко поминувал во тој момент, па го свиркаат него, ама си реков: Нееее, не сме ние толку мали во душа. Отиден е народ таму да слави, не да свирка. Неколку мигови потоа, кога го повикаа Бранко Црвенковски во својство на бивш претседател на Република Македонија да положи свежо цвеќе, се огласи во хор цел Мечкин Камен: УААААААААААААА!!!!!! Истото се повтори и кога повикаа делегација на СДСМ. Хиљаду ми јеленских рогова, лудата мисла моја не била толку луда!
Дур да си дојдам на себе што сведочам, МТВ се префрли во Пелинце. Таму Никола Груевски во стилот на туку што најавен НБА кошаркар, си дава хајфајв со луѓето насобрани наоколу – те со тие од левата, те со тие од десната страна. Во позадина ечи: НИКОЛА! НИКОЛА! НИКОЛА! И во Пелинце се положуваше свежо цвеќе. И таму Јани Макрадули во својство на претставник на Собранието на РМ беше исвиркан. А кога дојде време премиерот да држи говор, го најавија онака како што и пристигна – како НБА играч: “Го повикувам говор да одржи премиерооооооот Николаааааааааааа Груевскиииииииииииииииииииииииииииии!!!!”
Почна Груевски многу убаво да зборува. Ги спомна сите оние кои што имаат допринесено за македонската историја. Ги нареди сите комити од турско, гемиџиите, борците на НОБ. Почнав убаво да се чувствувам. И тогаш пресврт – да не заборавиме на жртвите на комунизмот!
Не ми е јасно зошто упорно се тежнее периодот од 1945 – 1991 да се претстави како срамно минато за нашата земја. Да, имало жртви на комунизмот. Да, имам и јас роднини што биле на Голи Оток. Да, имам и јас роднини што пребегнале да живеат во друга држава. Но без поддршката од КПЈ ние сами никогаш немало да успееме да извојуваме победа над фашистите, и ќе не распарчеле до крај Бугарите, Србите и Грците. И тоа треба да им биде јасно на сите. Тоа што КПЈ потоа не се сложувала со идеата Македонија да биде независна е и до некаде и логично – зошто би ни давале поддршка, за да ги шутнеме после тоа? И можеби била Југославија за едни мајка а за други маќеа, но ништо подобро не е сега. Пред неколку години бесплатниот превоз до Мечкин Камен по повод прославата Илинден можеше да се користи само доколку се покажеше членска книшка на ВМРО на возачот. И така веќе неколку години наназад, овие прослави се партиски прослави, на кои што човек од спротивниот табор или човек политички неопределен не може и не сака да оди, од проста причина што ќе се осеќа како на конгрес на некоја политичка партија. Да не ме разберете погрешно, јас не велам дека жалам за Југославија, туку сметам дека е тоа минато на кое треба да бидеме горди. За прв пат сме учеле на македонски. За прв пат сме читале на македонски. За прв пат слободно на улица сме зборувале на македонски. 
После антикомунистичките изнесени ставови, Груевски го искористи остатокот од времето што му беше на располагање, па фрли една доза митингашки говор. За бањите, за инвестициите, за здравството, за енергетиката, за спомениците….. Апропо спомениците. Едно 15 пати го цитираше Черчил што велел за битките што се воделе на овие простори за време на НОБ. Сега барем ми е јасно зошто скулптура на Черчил ќе виси на фасадата на зградата на МНР.
Некој умен кажал малите луѓе се занимаваат со луѓе, големите луѓе се занимаваат со идеи. Ние очигледно сме се уште мали. Пред се во душата. Се уште се занимаваме со Никола и Бранко. По тој повод честит Илинден со следната музичка нумера.

П.С. Не знам која година по ред во Тетово на овој ДРЖАВЕН празник локалната самоуправа одбива да истакне македонски знамиња. До кога ние ќе го голтаме ова зависи од нас!!!

CONVERSATION

6 comments:

Anonymous said...

Цар си, нема што :)
Успут, ги виде ли најлонските четки од пазар (без рачката, се разбира) на т.н. шлемови на војниците на Александар на Мечкин камен? :))))))

Јована Тозија said...

Како не ги видов. Левиот војник имаше четка на главата, десниот немаше. Да се разбие монотонија, да не биде се така симетрично и еднолично.

Anonymous said...

Samooo, kako majkata SVOJOT Pretsedatel go cestish so ime Horhe (belkim go ponizuvash, shto li?), a se cudish zosto vikaat UAA na Branko.

Јована Тозија said...

Кој понижува бе? Си чул/а за сатира?

Anonymous said...

Тозовац и ова ли е во упатствата за ПР од Јанезине ?


BTW Стварно тоа несреќите со четки на глава и костими за 1ви април беа дно.

Јована Тозија said...

ПР од Јанезине? Не контам, мајке ми...

БТЊ, кој си бе, чим Тозовац ме викаш, кажи се јавно не се срами :)

Back
to top