Опсада

Паника меѓу македонското население. Отпадна епизода на Кога лисјата паѓаат. Се крена цел народ на нозе, и машко и женско. А1 е под опсада.

Генерално сум многу изнервирана, и покрај првокласната забава што ми ја приреди Твитер вчера. Колку креативни и талентирани деца да ти имало, ама креативноста им доаѓа до израз кога треба да се фаќа сеир, а не да се прави нешто корисно. Изнервирана зошто по не знам кој пат, си се потсеќам на зборовите на Ристо Вртев и тажно констатирам дека тие се сеуште нашата реалност:

“Пат до Европа, провинциска слава

Со смкнати гаќи и опинок на глава”

Ни фали по еден опинок на сите, и да отидеме во неповрат. Полицијата вчера, ко мутава, стои и ништо не зборува. Ништо! Рака на срце, тие таму не ни треба да зборат, тие извршуваат должност. Но мора да има некој меѓу нив кој што им е шеф и кај кој што ќе бидат упатени новинарите, и кој што кога ќе го прашаат „Извинете, зошто сум спречена да одам на работа?„ да каже заради дрн мрн причини…. какви и да биле причините. А кога зборуваа, тоа наликуваше на рекетарски муабет, а не на полициско легитимирање.

“Дај легитимирај се бе ајде!” Го седнале тројца полицајци еден од обезбедувањето на А1 на хауба, го фатиле за врат, и му се обраќаат со овие зборови. Јас не знам од кога на полицијата и е дозволено при легитимирање да се обраќа со вакви зборови, па уште одозгора на се без персирање.

Иво Котевски си ја одработи задачата као послушно учениче со сите петки. Додека разурланиот Борјан Јовановски вриштеше низ студио како некоја налудничава жена, овој мртов ладен 10 минути му правеше Play, Rewind, Stop, Play….

“Согласно законот…. дрн мрн… “

(пауза, Борјан се дере)…

“Ние постапуваме по налог на дрн мрн….”

(Борјан се уште се дере)

“Се работи за манипулација дрн мрн….” 

(Борјан, изнервиран до јаја во стилот на Јанко го гаси портпаролот и ко мангуп се врти на камерата и вика: Иво ќе дојдеш тука да се разбереме…)

Ништо поголемо ниво од она на полицијата. И повторно нели без персирање, кафански муабет на Ти. Можеби сум веќе долго тука, во земја каде што персирањето оди под дифолт. Дури и ако соговорникот е 30 години постар од тебе. Се додека не се договорите обострано дека може да се обраќате на Ти, овде се персира. Некогаш е претерано, но… Со опроштење, да го ебам, не може на портпаролот на министертво за внатрешни работи во емисија во живо на телевизија да му се обраќа со зборовите: Иво твоите полицајци тепаат. Како прво не се негови полицајци, а како второ во тој момент за сите нас тој е господин Котевски!

Новинарки пиштат вриштат, биле тепани. И целите потресени, без шминка (за поголем ефект), со рацете скрстени и демек се тресат од потресеност ги пренесуваат во живо бруталностите на полицијата.

Надвор пак, со автобуси од Св. Николе и Кривогаштани, спонтано во рок од саат време се собраа луѓе со транспаренти “Доле влада”. Еден дечко на Твитер многу шармантно ги прокоментира. “Колку коштаат овие спонтаниве, да ги зеам кога ми доаѓа инспекција у дуќан?”

Власта ќути, ја нема ни под дрво ни под камен. Нити премиер, нити министри… село без кучиња. И како по обичај, секое чудо за 3 дена, ќе поќутат уште малку, ќе излезат после тоа со некое оскудно соопштение, пак ќе поќутат и се ќе се заборави додека да ја направите првата сарма.

Опозиционерите кутри, повторно ќе цитирам тип од Твитер, им се израдуваа на камерите ко Етјопиец на парче леб. Се изредија сите до еден, дотерани, исчешлани, стокмени, и сите до еден не заборавија да повторат дека ова е фашизам, диктатура, ти реков ми рече… А кога по некое време го затворија патот (Господ знае зошто), не пропуштија во живо да се јават во емисија да и дадат до знаење на јавноста дека се спречени да дојдат. Ќе пропадне чунки емисијата без нив.

Едно не ми е јасно само. Зошто од сам старт не кажаа дека се работи за асистенција на УЈП. А не народ ко теле во шарена врата гледа телевизија 3 саати и никому ништо не му е јасно. И одозгора на се, после неколку саати, и засилување добија, специјалци!!!! Со пушкомитралези!!! Мислиш бомби деактивираат.

Разочарана сум од полицијата, но многу поразочарана сум од новинарите. Наместо барем тие да останат смирени, и достоинствени во работата, направија толкава хистерија, што дури вчера се мислев да не одам на пиво за да гледам А1. А кога веќе решија да прават циркус, можеа барем да го викнат Амди Бајрам во студио. Вака целата патрдија ја прогласувам за неуспешна!!!

----------------------------------------------------------------------------

2 саати подоцна, владата си пука самата себе си во колено. Биг тајм. И покрај тоа што официјалниот став вчера вечер беше дека целиот театар е поради чешлање на финансовото работење на фирми регистрирани на истата адреса со А1 кои што немаат врска со медиумите, туку со прехрамбена индустрија, пломбирани се просториите на Време и Шпиц, како и компјутерскиот центар на А1 за само кратко потоа некој да влезе, и насилно да ја извади пломбата и скрши вратата.

Идам да си купам шешир. На див запад без шешир не иде.

 

CONVERSATION

5 comments:

Anonymous said...

Можеби е проблем што не ги разбираме кога англичаните „персираат“, а кога се обраќаат на „Ти“, место „Вие“, но тоа е англиска култура. Ако сакаме да ја негуваме македонската култура, онака вистински патриотски, тогаш да ја негуваме правилно. Во нашата култура се кафаните и кафанските муабети. Ајде да го негуваме тоа наследство и да се обраќаме на Ти, наместо Вие, без разлика на годиште. Оти да „персираме“? Нели секој од нас добил име, кое што претпоставувам (скоро) секој си го сака и сака да си го слуша? Да ги оставиме презимињата само за во случај кога треба да разликуваме повеќе луѓе со исто име.

http://bit.ly/hIVpov

Јована Тозија said...

Како што напоменав, овде (Германија) претеруваат со персирањето, и тоа не е наша култура, но мене лично ми е незгодно да не персирам некого што е 30 години постар од мене. Но на телевизија, во дебатна емисија, не се пренесува кафански муабет, и според мене потребно е персирање без разлика на годиште, пол, итн.

Anonymous said...

Можеби е проблем што не ги разбираме кога англичаните „персираат“, а кога се обраќаат на „Ти“, место „Вие“, но тоа е англиска култура. Ако сакаме да ја негуваме македонската култура, онака вистински патриотски, тогаш да ја негуваме правилно. Во нашата култура се кафаните и кафанските муабети. Ајде да го негуваме тоа наследство и да се обраќаме на Ти, наместо Вие, без разлика на годиште. Оти да „персираме“? Нели секој од нас добил име, кое што претпоставувам (скоро) секој си го сака и сака да си го слуша? Да ги оставиме презимињата само за во случај кога треба да разликуваме повеќе луѓе со исто име.

http://bit.ly/hIVpov

Anonymous said...

Тоа горе е техничка грешка, дупликат. Избриши го. Мене лично ми е непријатно кога некој поради „учтивост“ не ме условува со лично име туку со етикета (презиме, господин, почитуван...) затоа што се чувствувам по малку обезличен.

Јована Тозија said...

Добро... различни гледишта. Мене лично ми е незгодно кога некој со 30 години повеќе искуство ме персира и на тој начин ме става на исто ниво со него. А да, кога само заради учтивост се персира, а во останатиот дел од муабетот се покажува омаловажување, тогаш сето тоа нема ја губи смислата..

Но кога веќе правиме муабет за наша култура и негување на истата (се надоврзувам на ТВОЈОТ блог), фаќањето сеир исто така е дел од нашата култура и традиција. И многу го сакам тоа наследство. Само поради него мислам дека успеваме да останеме присебни во ова хистерично лудило...

Back
to top