Deutsche Bahn, самоубијци, Арапи и Каубои

Денес беше совршен ден! Станав сабајле со само две притискања на снуз (обично по 4-5 ми требаат) и од што бев горда на себе си, си реков Јована денес нема да јадеш Донер на работа, туку ќе си зготвиш храна од дома! Зготвив што зготвив, се качив на автобус спремна за на работа, ама шоферот не се качи на него! Не знам што правеше, арно ама стигнав на железничка 7 минути подоцна од предвиденото, доволно за возот да ми кидне пред очи! Нејсе! Се изнервирав, отидов во парфимерија и си купив ганц нов Дове шампон. За да ми свети косата од утре!

На работа, не знам колку сум ве информирала, ама ми го избркаа шефот! Сега имам еден помлад шеф, кој што до пред два дена ми се обраќаше со Вие! Е денес ни тој шеф не беше на работа, зошто си зел одмор типот. Ми објасни што да правам додуше уште вчера, ама ако мислите дека сте виделе хаос, верувајте не сте виделе. Како теле зјапав цел ден во монитор, буричкав по фиоки и шкафови, прашував по луѓе, и цел ден не успеав да најдам тоа што ми требаше. Добро! Помина некако денот, уште два дена ќе се издржат. Среќна што пројде денот се качив назад на воз за Фулда и отворив книгата да читам. Милена ми ја позајми дневникот на Бриџит Џонс. Не сум го гледала филмот, ама книгата е толку урнебесно смешна, што во возот се смеев на цел глас и не можев да се контролирам, Прочитав 100 страни на германски за помалку од саат време. Една дебела германка ми грофташе во фаца цело време, чудејќи се како тоа може некој да се смее толку многу додека чита книга.

Зачитана така со музика во ушите, слушам ломоти некој. Запрев музиката и што да слушнам; „Почитувани патници, ве известуваме дека поради случај на самоубиство, овој воз ќе вози само до Штајнау„ – Во ред! „Од Штајнау има организиран абтобуски превоз до Флиден„ – Во ред! „Во Флиден ќе треба да се снајдете сами, организирајте да дојде да ве собере некој!„ Хе????? Инсиприрана од Бриџит од претходно, кога рече типов низ звучниците снаџи се па живи, рикнав на цел глас да се смеам. Се свртеа сите накај мене, ме одмерија два три пати и продолжија да се жалат како платиле 13 Еур за карта и ова не личело на ништо. После дознаа дека доколку возот каснел повеќе од 1 час, можеле да добијат 30% од цената на билетот назад. И мртви ладни ќе отидат утре и ќе си побараат 4.5 Еур на шалтер и ќе си ги добијат. А дека некој се самоубил ги здоболе! Ама онака ептен ги здоболе!

Застана возот во некое си село, и ете ти го машиновозачот пак: „Почитувани патници, овој воз сепак ќе вози до Фулда, Ако има уште нешто, ќе ви кажам, не берете гајле„ Се подсмирија сите, таман седнаа, ете ти го овој пак: „Почитувани патници, ве молам да се качите на возот на перон 4, тој ќе ве однесе до Фулда„. Ајдеееееееееее, излеговме сите, опа цупа, се прекачивме во друг воз. Седнувам јас таму на седиште, а карши мене еден арап ме мерка од глава до пети, ама ни најмалку дискретно. Само што седнав, ни два ни три почнува типов да ми збори на ирански!!!! За нивна ме мислат бе!!! Ми цепа на ирански, што да ви кажам. Откако му објаснив дека не сум Фрау Фатима, ми се извини и почна да телефонира некаде. Отворив книгата, продолжив да читам – кога ме мавна една реа, трепките ќе ми паднеа! Си викам, добро, на се што се случи денес уште иранецов да ми прдне во фаца ми фалеше, да го заокружам денов. Кога тоа иранецот да не ти прднал. Фрлив еден поглед доле, што да видам –извадил нозете од црната лакирана кондура (бела чорапа нели секако) и си ги луфтира ноџињата иранац, мака нема. Му дадов еден ептен оштар поглед, а тој кутриот ми се насмевна за возврат, мислеше му се пуштам.

Среда е шницелтаг во пивницата кај мене, се договоривме на по една шницла да одиме кога ќе се вратам. После ваков ден немаше шанса да седнам да учам. Отидовме во Wiesenmühle, а таму диско фокс. Што е тоа? Дуо свири во живо, едниот на синтисајзер, другиот на гитара, се пеат германски шлагери, и еден куп Фрицови и нивните Хелги наоколу играат. И се тоа ќе беше во ред, Фрицовите да не носеа карирани кошули со мустаќи, Хелгите да не носеа елеци и фармерки со ептееееееен висок струк и да се гледаа во очи додека играа. Наместо тоа тие ги меркаа нашите шницли. Наизменично. Зависно кој од нив беше свртен накај нас. Ама гледање во очи никако! Комуникација – Никако! Насмевка – Ни на сон!

Ги изоговаравме уз нашите шницли како тоа се несензуални и слично, и кога пред нас се појавува ДА УЛТИМЕЈТ ФРИЦ! Каубој Фриц! Црна кошула, црн кожен каиш, фармерки и кафеави каубојски чизми. Стапува каубој Фриц на сцена и почнува да игра сам. Пред нашата маса. Мрда со штиклите на чизмите лево десно, горе, доле… Мислиш дека си некаде во Алабама во родео клуб. Уште бикот на средина фалеше и некоја ептен хорни Хелга да го јава!

Почнаа солзи да ни течат од Фриц, мени једно неугодно разбираш ме, му се изнасмеавме што му се изнасмеавме, доста беше. Ама овој не си оди. И додека така во транс се смееме и договараме дали да викнеме уште една рунда, поминува еден дедичко покрај нас и ни вика: Ајде бе пијте, од пиво не се затруднува!

Жења: Па видете, ако имате маж покрај пивото може и да се затрудни!

Дедото: Епа во тој случај прашајте го тогаш мажот дали има Сперма Лајт!

Ние (во хор): Што е Сперма Лајт?

Дедото: Забременува, ама не здебелува!

Останавме со зинати усти, дедото си отиде, а ние останавме да процесираме што сакаше да каже писателот. Кога како на неонки, после 3 минути ни светна асоцијацијата со Кока Кола Лајт, ја викнавме без двоумење следната тура и продолживме да уживаме во перформансот на Фриц. Да, да, Фриц се уште мрдаше сам со колковите и каубојките лево десно.

На крај и поздрав од музикантите добивме кои ни се заблагодарија за атмосферата што сме ја направиле. А не знаеа дека треба всушност на Фриц да му бидат благодарни… 

CONVERSATION

1 comments:

Unknown said...

prv pat citam tvoj blog i mozam slobodno da kazam deka uzivav ... mi go napravi interesno ova dosadno popoladne na rabota
dodeka te citav si napraviv film kako vo zivo pred mene da mi go kazuvas i se otepav od smeenje ... site okolu mene bea prasalnici :)
se nadevam ke citam novi prodolzenija
pozdrav

Back
to top