Затвори го пенџерчето и угуши се во сопствената смрдеа


Да, Скопје секогаш имало смог и густи маглишта. Да Скопје од секогаш имало пеколни лета. Микроклима и во лето и во зима. Не е ништо ново. Што дами и господа правиме ние во врска со тоа? 

Излезе владата со конкретни мерки денес. Се потепаа. Сума сумарум: Трудници и стари и болни лица останете дома. Другото дрн дрн јариња. Значи свака част. Ќе останам дома. А воздухов дома од кај ми е хоштаплери ниедни? А? Сама ли го произведувам? Да отворам прозор и да умрам или да не го отварам и да се угушам во сопствената смрдеа? Сериозно прашувам.

Скопје денес. Без филтри, без ефекти.
Крајно време е да стане екологијата и еколошката свест топ приоритет во државава. Вашите деца бре го дишат истиов воздух!!!

Зошто бе автобусине нови што ги увезовте не се на плин? М? 
Зошто нема субвенции за ставање плин во коли? 
Зошто прекинавте со субвенции за соларни колектори?
Зошто не се одвојат сериозни средства за точаци како дел од јавен превоз на Град Скопје, туку ми се фалите таму со донации на 50-100 точаци, милост и немилост на некоја амбасада или друга институција? А?
Кога ќе ве видам вас драги градоначалници на точак? Освен оној ден во годината кога правите парада и ви ги затвораат улиците. Па да бидете пример за обичните смртници. Па пичкамуматерина, ако може градоначалникот на Лондон со точак да оди на работа, зошто да не можете вие? 
Зошто не ставите столбови на сите тротоари барем во централното градско подрачје да не може да се паркираат коли кај што стигнат?  Да може пешак да се движи по права линија додека пешачи, а не да изгледа ко да игра шота.
Зошто не може да се извади месечна карта за автобус ако не си средношколец/студент/пензионер?
Зошто не стимулирате возење со автобус?
До каде е 18-тата физибилити студија за трамвајот во Скопје?
Зошто не е греење на плин и енергетски ефикасни фасади и прозори на СИТЕ јавни установи приоритет број еден во државава? До кога ќе имаме школи и амбуланти со дупли прозори од кои фучи промаја што се греат на нафта? 
Кога ќе почнат ригорозни, ама навистина ригорозни казни за дрвокрадци и подметнувачи на пожари? И не само казни. Кога ќе почнете со конкретни мерки за спречување на овие појави?
За фабрикине и оџаците и филтрите нејќу ни да прашувам. Страв ми е од одговорите.

Ама не. Ко и се друго, и ова ви е вам чудо за три дена. Ќе пише Курир статија дека цела Европа мака мачи со загадувањето, ќе сталожи ситуација за некој ден, ќе дувне некој ветар во меѓувреме, дожд, снег, ќе се расчисти, ќе се заборави сето ова до нареден декември.

А во меѓувреме ќе дојде пролет, ќе се стопли, ќе почне градежна сезона. Ќе соголиме уште неколку хектари шума на Водно, ќе изградиме ротациони кули, елитни ресторани и паркинзи, ќе ги исечеме последните дрва што останаа во градот, ќе ставиме на нивно место споменици и ќе го искористиме секое можно преостанато слободно ќоше да изградиме нови згради. И за баланс гордо ќе насадите грмушки во 5 жардињери во центарот на Скопје и ќе се пофалите дека градот и владата континуирано работат и инвестираат во зеленилото во градот.

Ене, плоштадон Скендербег кај и да е во втора фаза ќе влезе. Откако тотално непотребно ги срушија автентично изградените куќарки и израдија нешто таму во модернистички стил и со неонки, сеа ќе ги спојуваат и двата дела и ќе праат цело плато меѓу МОБ, флихармонија, Даут Пашин амам и Турска Чаршија. Зеленилото кај МОБ - чао. Дрворедот на средината на булеварот - чао. Еве, ако ми најде некој ЕДНА добра причина зошто ова се прави, ќе речам океј. Не е ни битно како ќе изгледа веќе. Една добра причина зошто од сите градежни зафати што му се потребни на Скопје, баш овој е неопходен. 

А и гледам викендов некои маршови против загадување ќе се организирале. Какви бре маршови, какви бакрачи. Марш за мирот, марш против загадувањето, марш у пм! Не се маршира против загадувањето. Се маршира и протестира против оние кои го стимулираат, охрабруваат и поддржуваат загадувањето!

А и да тргнеме и од себе ко за старт, може? Крајно време е да прекинеме по цигари да одиме со кола. Крајно. Јавнете точаците ако не ви се пешачи, или пуштете чекор ако не сте љубители на две тркала. Се вози и се пешачи по ладно, ако можат у Финска, можеме и ние. Не се суперлуѓе. И они се од крв и месо.

Најмалку што можете да направите за овој град е да во сведете возењето со кола на минимум. Пробајте, навистина не е тешко. Пошто еве ни го Пекинг кај е. 



P.S. Додека бев на факултет, правевме некои анкети низ Македонија за енергетски ефикасни уреди и штедење на електрична енергија низ Македонија. Тогашната директорка (може уште е истата не знам) на Електродистрибуција Струмица во врска со РЕК Битола тогаш ни рече:

„Абе деца, нас зорто ни е таков. Иначе ти да претвараш топлинска енергија ув електрична - 70% загуба, и после истата таа електрична пак ув топлинска - 70% загуба, треба да си нетокму. Ама немаме друг избор. Зорто ни е таков.“

CONVERSATION

1 comments:

Anonymous said...

Најбитно - На Скопје итно му се потребни ЗИМЗЕЛЕНИ ДРВЈА, затоа што сега нема зеленило низ Скопје, сите дрвја се без листови. Во зима липите по Партизанска се без лисја и нема што да го чисти воздухот. Значи најбитно - на секој слободен метар квадратен во Скопје да се засади зимзелено дрво, од оние поголемите!!!

Back
to top