Една дамнешна моја ски авантура

Многу од вас може не знаат, но како мала имам живеено 4 години во Иран. Татко ми работеше таму, и ние топтан сите се преселивме.

Иран е земја што има се од природа. Од пустини, до мориња, езера, Касписко море до планини високи до 6000 метри. Измислени за скијање. Се скија од Ноември до Мај. Не претерувам. На зимовање од школо не носеа во Април. И добро памтам дека тие зимовања беа во Април бидејќи едно такво зимовање колективно цело школо рикавме, плачевме и одбивавме да одиме на скијање бидејќи дознавме дека Курт Кобејн си свирнал куршум во чело.

Независно, еден убав сончев ден, мојата другарка Мартина од Чешка, мојата другарка Моника исто така од Чешка и татко и се упативме кон Дизин, на скијање. Чисто за да добиете претстава  за каков ски комплекс се работи, највисокиот скилифт во Дизин е на околу 3500 метри надморска височина, 700 повеќе од Кораб!!! Возење во гондола нагоре трае околу 30 минути. Спуштање надоле, просечен скијач - саат и пол.

Стигнавме ние рано сабајлето во Дизин, и што да видиме, глупавите иранци направиле поделба на ски терените на машки и женски (Иран е муслиманска држава, и малку се луди). Ај што направиле поделба, него на жените им дале 3 скилифтови, оние најлесните, а остатокот од планината - машки ски терени. И тогаш Јована, Моника и Мартина сковаа генијален план. Ќе се качат со гондола до горе, со женски ски лифт уште малку погоре, и после попреку низ снег длабок 2 метра ќе поминат едно брденце (повеќе цела планина околу брдо, ама младост лудост, ко брдо ни изгледаше) и ќе излезат на машки ски терен, од каде сите ски лифтови и жичарници се достапни. ЈЕС!

Јас, не знам зошто, имав скии со везови што немаа кочници. Се качивме горе, и тргнавме да ја сечеме планината попреку низ длабок снег висок 2 метри за да излеземе на кул ски терените. Идеме така, ко партизани во февруарски поход една позади друга, пробиваме снегот, и тогаш цврц, изгубив рамнотежа, паднав на страна, едната скија ми се откачи и отиде во провалија, во неповрат! Останав со две штеки и една скија! Гад дем. Моника и Мартина ме гледаат, што да правиме сега? Јас ни најмалку засекирана, повторно лудост младост, викам цепаме даље, на една скија! Они двете на две скии, јас на една, битно да се стигне до ски теренот. Цепавме така уште 10 минути, јас пак изгубив рамнотежа (нормално, на една скија бев!), пак паднав, ми се откачи и другата скија и таа отиде во провалија, во неповрат. Останав само со две штеки.

Им реков на Моника и Мартина да одат, јас ќе пешачам. Низ снегот. Отидоа тие, јас останав сама во сред планина на 3000 метри надморска височина, со снег повисок од мене. Имав 10 години!!! Почна да се наоблачува и да дува. Ја ГАЈЛЕ НЕМАМ, одозгора на се се нервирам што цел ден е пред мене и ја нема да можам да скијам пошто сум си ги изгубила скиите.

После саат време конечно стигнав до ски теренот. Добро е, цивилизација! Е сега остана полесниот дел, со штеки и кондури, без скии да го симнам целиот терен надоле. Ако на просечен скијач му требаа саат и пол да го спушти надоле, пешки ми требаа околу 3 саати. Луѓе скијаат околу мене, ме гледаат се прашуваат што ми е, јас со штеките и кондурите и си цепам надоле.

Стигнав доле скапана, и се уште ифрит лута и нервозна дека си ги изгубив скиите. Откако татко и на Моника ни удри предавање со кој памет сме отишле таму, го прашав да не случајно сака да отиде и тој, за да ми ги најде скиите. А откако ми рече дека не е ненормален, најдов еден од спасувачите (да, има lifeguards, кaко на Baywatch) и со оскудниот ирански што го владеев му реков: "Батка, еве и ти 5 долари. Ја гледаш планинана онде? Качи се, помини ја до пола попреку и после пушти се низ длабокиот снег во провалијата, има пар скии таму. Ако ги најдеш и донесеш, ќе ти дадам уште 5 долари." Не требаше да му кажам два пати. Тргна иранецот нагоре, а јас седнав на лежалка во бачилото да пијам чај и да се сончам.

После 2 саати гледам некој во црвено одело со скии на рамо се спушта одозгора надоле, и од пола терен се дере ко улав. Урла урла урла, и урлајќи се симна доле и стигна до кај мене. Ми ги фрли скиите во раце и продолжи да урла. Не разбирав ирански, ама од гестикулациите можев да заклучам дека вика нешто како: ДАЛИ СИ ТИ ДЕВОЈЧЕ НОР-МАЛ-НО!?!? Се насобраа и други lifeguards околу него и мене, и овој почна да им објаснува каде бил за да ги најде скиите. Почнаа и тие да ми урлаат. Јас, еден осмех од лева шеска до десна. Денот не е завршен, ќе фатам нешто скијање дента. Му дадов како што му ветив уште 5 долари, и правац ски лифт. Женски.

Дома после не им кажав што сум направила. Им кажав кога заврши сезоната, да не случајно ми забранат да скијам до крај на сезона. А имав само 10 години.

CONVERSATION

1 comments:

Anonymous said...

Уште од мала си била ѕвер :)

Back
to top