Наше Скопје
Заглавив поприлично викендов во град. До 6 и кусур насабајле, со поминати по 4-5 локали вечерта. Сонцето веќе силно светеше кога влегував во зграда. Се проколнував себе си што не сум зела наочари за сонце со мене (кој нормален лик зема со себе наочари за сонце кога излегува навечер во град?)
Се потсетив на старите добри скопски времиња. Кога кафичите и дискотеките немаа ограничување. Кога не го планиравме излегувањето.
(Фото: несфатениот уметник Чоте)
Знаете што? Може да ги исечете сите липи, да ги смените сите фасади и да излиете по еден споменик за секој битен и небитен што во минатото се декларирал како македонец и сите да ги ставите на плоштад, ама ова е наше Скопје. НАШЕ. Зошто Скопје не е липите, булеварите и фасадите. И да ги исечете сите дрва, мене мирисот на тие липи ќе ми остане врежан во главава. Пред некој ден шетав една Американка низ Скопје и кога ја прашав што најмногу и оставило впечаток од Скопје, таа рече: Мирисот. Излеговме од такси, и само што излеговме ми рече: Еве го мирисот! Го осеќаш? Тогаш за прв пат вистински ги помирисав липите. Може да ги смените фасадите на сите можни згради во Скопјево, но јас повторно ќе памтам во кои влезови сум се бацувала. Ова е НАШЕ Скопје.
Скопје е девојке у љетним хаљинама волим и фраери што ич не им е незгодно додека ги зјапаат.
Скопје е кафе шема.
Скопје е оговарачка шема.
Скопје е кафана шема.
Скопје е маалски баскет шема. Во лето на +42 кога ти гориш на сонцето чекајќи, а победничката тројка никако да изгуби.
Скопје е гледање фудбал пред зграда на 15 инчен телевизор со антена виљушка.
Скопје е барање на зарови што ти паднале од тераса во 3 сабајле.
Скопје е комшија што вечно реновира.
Скопје е секоја клупа на која што сме се бацувале и срамежливо погледнувале надоле кога комшиите поминувале покрај нас и се правеле дека не не знаат.
Скопје е маглата која што ги пореметува сите можни планови за патување во зима.
Скопје е старата чаршија. Многу пред таа да стане ин за вечерни излегувања. Кој купувал материјали за шиење на кило од Матекс знае.
Скопје е лела мандарините поскапеа, а ти уште си ми лута.
Скопје е Водно. Рекреативно, љубовџиско, швалерско и во последно време со жичарата по малку монденско.
Скопје го сакаме што и да му направите. Затоа аман заман, направете го тоа што сте го наумиле што побрзо и оставете не на раат да уживаме во него. И ако може, посадете некое дрво уз пат. По можност липа. Ако не ви е тешко…
13 comments:
Post a Comment