МАРШ У...
Имаше викендов во Скопје марш за мир.
Маршираше младо, старо, машко и женско, од секаква можна националност. Звучи
сосема логично. Само ретардиран не би изразил поддршка на јавен собир во име на
мирот. Или фашиста. И јас сум за мир. Кој нормален не е?
Меѓутоа никако не ми е јасна причината поради
која што се организираше маршот. Дали е воопшто загрозен мирот во Македонија?
Или пак на Македонија и се заканува војна? Да не е агресија од страна во
прашање? Да не некој сака да не пороби, освои, окупира? Дали можеби некој сака
да не присоедини?
НЕ!!! Одлучно и категорично тврдам – НЕ!!! На
Македонија и се случија пилиштари кои што со џапарлакот за на голем одмор
наместо да си купат хамбургер, тие си купиле безбол палки. Па од село се
симнале во град и решиле да тепаат што им дојде при рака. Тинејџер е опасна
работа. И таа лоша комбинацијата на немање кој да му каже дека тоа што го прави
не чини и имање во близина некој да го буцка и да му кажува дека тепањето невини
луѓе по улица е она што треба да го направи за некоја си поголема кауза
резултираше со она што се случуваше во Скопје. Неколку дена по ред невини луѓе
беа претепувани на улица, сред бел ден, во автобуси...
Се организираше маршот. Се испотепа цела
естрада, се што е важно и неважно, докажано и недокажано, се што пее во живо а
богами и на плејбек да застане пред камера и да каже како тие се за соживот,
мир и толеранција. Бесплатен маркетинг болане, зошто да не! Научиле текст на
памет, се нашминкале, опнале цвикерите во вистински урбан скопски стил и сите
со по збор два за мирот. Истите тие беа јавно повикани да дадат поддршка за
протестите против полициската бруталност. Не не ни удостоија со одговор. Да беа
искрени дека не сакаат или не можат, сосема ќе ги разберев. Кој работи полу на
црно, кој има ќерка за вработување, кој е во партија па не смее да зуцне. Во
ред е. Барем искрено да одговореа. Многу е лесно да се нашминкаш и пред камера
да кажеш дека поддржуваш мир. Кој здраворазумен граѓанин сака да живее во
војна? Оди и застани во први редови на протести да и кажеш на власта дека треба
да си ја среди полицијата да те видам. Дволични конформисти ниедни! Цуцајте вие
и понатаму нескафиња со шлаг во сабота претпладне, азното само ќе си
дојде.
Се истопорија и едно стадо политичари на
маршот. Меѓу кои и претседателот на државата. Врховниот командант на војската
на Република Македонија. Ејјјјј врховниот командант на армијата маршира за
мир!!! Ова му доаѓа нешто како бивш министер за внатрешни кој што тепа жени по
паркинзи и протестира против полициска бруталност. Млади луѓе прогресивци што
маршираа разбирам. На некои си виши сили (читај политичари) сакаа да им покажат
дека преку глава им е од нереди во државава. Ама претседателот!? Кому ли тој
декларативно сакаше да покаже дека и тој се залага за мир?
Претседателе, вам не ви е работата да ни
покажувате дека го поддржувате мирот. ВАМ ВИЕ РАБОТА ДА ГО ОБЕЗБЕДИТЕ МИРОТ!!!
Заедно со тие таму во владата, во собранието и сите комисии кои што можевте да
ги смислите за да си изнајдете работа и лапате дневници. На вас ви е РАБОТА да
го обезбедите мирот!!! Не туку ми марширајте низ Скопје ко да сте Џон Ленон.
Гив пис а ченс може по дома да си ја свирите, во друштво. На работа има да го
работите тоа за што ве плаќаме ние граѓаните. Исто ко што ние ‘рмбаме од 8 до 5 секој ден! И ако некој
решил да тепа и крши се што ќе му дојде при рака, има да направите се што е во
ваша моќ за да го спречите и да му го обезбедите мирното секојдневие на секој поединечен
жител на оваа држава. Ги имате инструментите, власта и моќта се во ваши раце. И
ако тоа вклучува полицаец на секое факинг ќоше, тогаш нека има полицаец на
секое факинг ќоше. 3 дена пилиштари тепаа луѓе по улица. Кога треба, дур каже
Алачки “мх,
мх” знат
тоа Алфите, Нинџа Желките, Лавовите, Тигрите и останатите припадници на
животинското царство да се распределат на местото на злосторот. Не е дека не
знаете како! Знаеме дека знаете и умеете.
Извинете, ама хулигани со безбол палки не
проблем на меѓуетнички соживот. Совршено не ме интересира која националност се
хулиганите. Совршено не ме ни интересира од која политичка партија се. Совршено
не ме ни интересира дали некој им наложил да ги прават нередите или не.
Полнолетен граѓанин во оваа држава самиот е одговорен за своите дела и
постапки. А нарушување јавен ред и мир и тепање луѓе по улица се дела кои што
се казниви по закон.
Не, ова не е проблем на немање толеранција.
Немање толеранција е да му се качам јас на комшијава при следното реновирање и
да му ја треснам хилтата од глава. Не, сите ние сме толерантни. И сите ние
сакаме мир, да живееме на раат, и да не се занимаваме со малограѓанштина. Да
одиме барем еднаш годишно на одмор, да не се потиме секој први кога ќе дојде
ратата за кредит, да не му ја мислиме во која партија е подобро да се зачлениме
во моментот само зошто синот не може да најде работа, да одиме на концерти, да
патуваме што е можно почесто, да се запознаваме со различното и при тоа да не
го отфрламе како погрешно само поради тоа што е различно...
Луѓе на месечината слетаа уште пред 50
години, атоми расцепија, Ајнштајн го побија, ние уште се расправаме со
меѓуетнички срања. Преку глава веќе. Стварно. Меѓуетнички тензии и во Руанда не
се више во мода (цитат: Пеце Суперхикс). Прекинете вештачки да ги
предизвикувате. Нема да ви успее!!!
9 comments:
Post a Comment