Јок играње, само пиење

Велигден како Велигден. Се фарбаат јајца, се пече јагне, евентуално претходно се пости, вечерта се оди пред црква да се направи градот бербат со восок и лушпи од варени јајца (дека Комуналнец нема доволно работа) и тоа е тоа. Кај нас кога ќе кажеш Велигден, прва асоцијација е црвено вино. Е сега колку е тоа правилно или не, не знам, некои викаат дека требало во овие 3 дена вистински да се испостиш, а не да лумпуваш. Ама тоа си е оставено на луѓето сами да си одлучат. Државата, фала богу, не ни се меша барем во тој сегмент од приватниот живот.

Е тука не! Верувале или не, во Германија на Велики Петок  (во мојава сојузна држава и на Велики Четврток) СО ЗАКОН е забрането да се игра! Тој закон, замисли, директно произлегува од Уставот на Германија кој што Неделата и државните празници ги квалификува како Денови за одмор и духовно издигнување (?!?) и со тоа им гарантира мир на луѓето. Значи не само тоа, на државни празници и во недели забрането е: да пушташ машина за перење, да косиш трева… се што може да го наелектризира комшијата. И ако го наелектризираш, има да ти викне полиција, око нема да му трепне. Пред два дена колега мој од работа за време на паузата за ручек, отиде до дома да си ја искоси тревата во двор, зошто за празнициве било забрането косење трева, а тој нејќел да има џунгла пред врата. Поштено. За саат време отиде до дома, искоси тревникот, и се врати назад. И со полна пареа работеше до 6 попладне.

Е сега да се навратам на муабетот со забраната за играње. Ај што е забрането да се игра, кружат полициски возила низ град за да утврдат дека никаде нема лумперај. Жими мајка не лажам, пред саат време се вратив дома. Во рок од два саати три пати го видов истото комбе како кружи. Насекаде полно луѓе, музика така така, не многу гласна, се пие пиво на големо, а сите стојат како статуи.

Утре како ќе биде не знам. Ми кажуваа лани на Велики Петок крцале дискотеките со музика доволно јака да скрши прозорци, но никој не смеел да игра. И тие што ќе почнеле да подцупнуваат, им доаѓало обезбедување да ги предупреди.

И после кај нас диктатура. Абе ај…. кај нас барем можам да шизам кога сакам!

CONVERSATION

3 comments:

Unknown said...

Vo Makedonija ima demokratija za izvoz ;)

Bojan Endrovski said...

Normalno de :)
Se znae, igranje za karneval isklucivo! Na Muse koncert ne smeev da stanam za da ne im smetash na tie pozadi.

Јована Тозија said...

Мене на Марк Кнопфлер тетки едни ми мрчеа дека сум подпевнувала. Јас им реков дека ако сакаат тишина, слободно можат да отидат во библиотека. Ова е рок концерт!

Back
to top