14 часа во Будимпешта

Новата Година ми помина многу брзо. Во Македонија бев само 6 дена, од кои првите 3 бев болна, а вторите три на планина, по повод славје нели. Завршија кратките сармопрасевски празнувања, и време беше да се вратам во Германија. Жива среќа што не летав сама иначе ќе збудалев.

Тргнавме од Скопје во 3, стигнавме во Будимпешта во 5, а летавме после тоа за Штутгарт дури во 7 сабајлето. Сума сумарум 14 саати слободни. Падна договор да одиме во Будимпешта на јадење и пиење место да дремеме на аеродромот. Супер! Изнајмивме комбе, и го договоривме да не земе на полноќ и да не врати на аеродром, дека Ирина и Елена сакаа да спијат за да биле одморни на работа утре дента. Со цел памет планираа на работа да одат…. Ама да не навлегуваме во таа тема.

Пеки. Отидовме во Будимпешта, шетавме наоколу едно цели 7 минути, и откако тоа дунавскиот ветар ни влезе во коски, заклучивме дека ќе биде попаметно да седнеме негде да јадеме. Не дека беше толку ладно, туку дека стварно бевме гладни. Во авионот не послужија пинац ор чоклет. И едно сокче! Најдовме едно супер ресторанче и бапнавме по еден гулаш. На тоа ладното ептен добро ни дојде. После тоа најдовме еден бар со жива латино музика. Бендот се состоеше од едно типче гитарист во црвена кошуља, пеач на кој што му пишуваше Мексико на челото и еден дедичко што чукаше на тарабука со така блажена насмевка, мислиш сите проблеми во животот му се решени (или можеби никогаш не ги ни имал).

Со тешко срце го напуштивме локалот, ама си ветивме дека ќе се вратиме за некој месец. Го фативме комбето и правац на аеродром да спиеме. Ирина целата возбудена ни вика: Леле, да ги видите тие фотељите какви се кај гејтовите. Сум спиела веќе на нив!!! Абе троседи! Меки, топли мх мх… само да поминеме сега пасошка контрола. Стигаме на аеродром, извадивме пасошите арно ама – трт милојко! Пасошка контрола затворена. Последниот лет од аеродромот бил пола саат претходно, и нормално овие си затвориле. Треба и тие да се одморат кутрите. Ништо. Ни останаа само фотељите во предниот дел на аеродромот, а тие железни и тврди!!! Дека на приземјето сите беа зафатени од кутри залутани странци што се заебале исто како нас, се симнавме во подрумот. Си фативме таму сите по еден железен тросед и хајт на спиење.

Кај се спиело на железен тросед! Се будевме наизменично на 10 минути зошто или рабовите од столовите ни се имаа заглавено меѓу ребрата, или дека некој во тој момент влегуваше на аеродромот, па шибаше ненормална промаја. А нели промаја убива – а мермер влече. Стана Ирина целата изнервирана, почна да мумла нешто и да шета наоколу. Сврти еден круг околу ескалаторот, и се враќа целата возбудена! Нашла еден картон со големина на брачен кревет позади ескалаторот и ми вика да го постелеме на земја да легнеме. Не може да биде полошо од железо меѓу ребра. Прво малку на шала, на смеа, срам не срам… си викаме тоа е! Кога можат иранците така на земја да спијат, зошто да не можам и јас. Имаше еден кафич (затворен нели) со ламинат пред него па се распославме со картонскиот душек пред него (дека се друго беше мермер, а мермер влече нели, види погоре), и кога сме заспале – абе топови! Јас дури и сум зах’рчела. И викам на Ирина: Мори несреќо, зошто не ме буцна, срамота ме слуша цел аеродром како хрчам, а таа ми одговара: Не се секирај логално х’рчеше, само јас те слушав!

Дојде 5 саат отвори пасошка контрола! Собравме парталите, а душекот го оставивме таму да не сака некој друг да си прилегне. Уште два саати поминаа некако, пиевме кафе, се шетавме по фришопови лево десно, многу беше доцна веќе за спиење, имаше еден куп луѓе на терминалот. Само што седнавме на фотељите кај нашиот гејт (таму кај што планиравме да спиеме – тие убавите) ете ти ги: Ласт кол ту Штутгарт!!! Ајдееееееее собирај парталите брзо. Дадовме пасошите, бординг пасовите, во автобусче накај авион. Што да видиме! Авион на батерии!!!! Еден со пропелери, во комбето што не носеше до аеродром собираше повеќе луѓе отколку во авионот. Ај што беше мал, ама стварно беше на батерии! Место саат и 20 минути, летавме 2 и пол саати!

Стигнавме во Германија, Ирина и Елена секако не отидоа на работа зошто стигнавме 2 саати подоцна а и изгледаа како зомби, а јас немав сила да се дрнкам до Фулда после тоа патешествие, па отидовме сите правац Хајделберг на спиење.

Тоа е, колку пари толку музика… Ајде коледе леде на сите, среќен Бадник/Божиќ, сакајте се и почитувајте се и не се нервирајте за глупости! Има многу побитни нешта во животот од тоа дали ќе спијам ноќеска на железна фотеља или на картонски душек. Светот нити ќе престане да се врти ниту па сонцето ќе престане да свети!

CONVERSATION

0 comments:

Back
to top