Патувачки дневник: Мароко - Маракеш и хамамот
Види претходно: Пустината
Последниот ден од нашето патешествие беше резервиран за Маракеш. Маракеш иначе беше изгласан од Tripadvisor за туристичка дестинација број еден за 2015та година.
За Маракеш и познатиот пазар нема да ви раскажувам многу, тоа е уникатно искуство што мора да се доживее. Свирачи на змии, цртачи на раце со кна, цедени портокали за 50 центи, кожи од камили, зајци, секакви преваранти, багабонти, бизнисмени, дувачи на оган и шибицари. Тоа е еден таков прекрасен општ шарен хаос… Западњаците мажи одат во берберниците да се избричат, живи ќеифови, а жените се цртаат со к’на. Се испоишкртав и јас, покуса да не останам. Ќеиф бе, ќеиф. Мерак.
На пазарот се оди со однапред определен џепарац, бидејќи колку што носиш пари, толку ќе потрошиш. Сва среќа бевме со рачен багаж само, па колку толку се контролиравме. Додуше не сите. Ивана ничим изазвана си купи тањир. И неа не и беше јасно зошто, ама си купи украсен тањир. Буце ги купи СИТЕ магнети. Јас испазарив некои шалвари.
Пред да дојдеме во Маракеш, ми пиша еден другар: Јована, гледам дека сте во Мароко, мајка ми живее во Маракеш, ако сакаш можам да ве поврзам, да ве прошета. СУПЕР! Се најдовме со Верица, која што ни го пружи едно од најлокалните искуства што ги имавме во Мароко: Бањање во хамам. Беше жешко, ние веќе не знаевме што со себе, а и рака на срце бевме малку уморни од густата агенда претходно. Кога Верица предложи да одиме дента во хамам, очите ни светнаа ко џамлии. Се исповозбудивме скроз.
Одењето во хамам за локалците си е неделен ритуал, а не туристичка атракција ко што ни беше нас, или пак луксуз што може да си го приуштат само некои. Тоа чудо е подобро од секој психотерапевт, од секој лек, од секоја дрога, од секоја музика на светов.
Влеговме. Колешката на Верица, искусна пошто иде на секои две недели во хамам, се испорасоблече, зеде дрангулиите и ајде ајде. Ние уште не ни е јасно што треба да правиме. Голи ли, по гаќи ли, ни треба ли пешкир, не ни треба, папучи ли се носат, бос ли се гази…. СТОЈАНКА ВО ВЕРО! “Ајде соблекувајте се, не туку се прткајте многу лево десно!” Ок.
Влеговме во хамамот. Внатре мароканки со долги коси скроз голи се шетаат низ пареата. Ние ко шлакнати не знаеме што да правиме. Седнавме околу централното фонтанче и почнавме да црпиме вода од фонтанчето со мали кофички и да се потураме. Детска радост.
Влеговме во сауна. Од оние со пареа. На некои луѓе тоа им е мачно. Јас би можела да седам таму со денови. Осеќаш како сите пори ти се отвараат и ти излегуваат сите отрови од телото низ порите. Бидејќи го имавме уплатено The Royal Bath аранжманот, после сауната почна тинтрањето.
Легнуваш на мермерен кревет, и таа ханумата ти го мачка целото тело со еден природен сапун што се прави од маслинки, и изгледа како сушени урми. Тоа е чисто природна работа, и навистина пени и чисти како сапун. Не знам како го прават ама стварно пени и стварно чисти. Откако ќе те намачкаат, почнува the real thing. Ставаат една рапава ракавица и почнуваат да тријат. Ама тријат без-ми-лос-но. На моменти имаш чувство дека можеби ќе останеш без кожа. Се трие секој дел од телото, независно дали е таму кожата дебела или тенка, дали има мртва кожа или не. Под градите, целите гради, стапалата, под пазувите, задникот, стомакот…. места што кога самите се бањате само ги поминувате со сунѓер бидејќи се нежни, е сега ги тријат и рибаат ко со шмиргла. Нема да лажам. Боли, мајката расплакува колку боли.
Триењето трае едно 30 минути, и таман кога си на работ да пуштиш солза бидејќи веќе не можеш да издржиш, ханумата ти вика, оди стани истуширај се. Станав од мермерниот кревет. Наоколу имаше 3 кила истриена кожа. БОЖЕ ГОСПОДЕ.
Се истуширав. И мислев дека е готово. Не многу задоволна од болките што ги претрпев. Мислев ќе биде поблагопријатно искуството…. и ханумата ми вика ела ела ваму, ела. Легнав пак на мермерниот кревет. И јас таман спремна за нови страдања, ханумата почна да ме мачка со масло од арган. (Тоа маслото за арган го користат за се, нешто ко кај нас ракија). И кога рече масира. Кога реков заспивам. Кога реков лебдам. 3 метра изнад земље. На крајот таков зен, ти вика стани, те седнува покрај фонтанчето на средина и ти ја мие косата. Како што поминуваат нејзините прсти низ косата твоја, така се одлепуваш од земја.
После ова, ни беше јасно зошто луѓето порано се бањале еднаш неделно. После онакво триење и испарување, ти брате не само што си чист, душата ти е чиста, од внатре чисто се осеќаш.
Излеговме од хамамот и единствена логична следна релација беше – НЕГДЕ НА БЛАГО. Верица, фала ти за неповторливото искуство. Три метра изнад земље.
Мароко душо, ќе те посетам повторно. На подолго, и со поголем куфер.
0 comments:
Post a Comment