CONVERSATION
Цензура на интернетот
Верувам дека веќе сте запознаени со новиот предлог закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Се случува едно АКТА/СОПА дежаву на македонскиов интернет простор. Исто како што кај АКТА интернет провајдерот требаше да сноси последици доколку преку него е овозможена пиратерија, со овој предлог закон интернет провајдерот сноси одговорност за изнесената содржина заедно сосе лицето кое што ја извршило клеветата. Еве го цитиран, спорниот член 11 од предлог законот:
Одговорност на провајдерот на интернет-услуги
Член 11
(1) Провајдерот на интернет услуги
превзема одговорност, заедно со авторот, за надоместување на штетата
која произлегува од овозможување на пристап до навредливи или
клеветнички информации.
(2) Провајдерот на интернет услуги не
одговара за изнесена навреда или клевета како резултат на овозможување
пристап до навредливи или клеветнички информации под услов доколу:
1) докаже дека авторот на информацијата
објавена на веб порталот не дејствувал под директна или индиректна
контрола или влијание од страна на провајдерот на интернет услугата, и
2) докаже дека не бил свесен ниту трeбал
да биде свесен дека навредлив или клеветнички материјал е објавен на веб
порталот, или, во рок од 24 часа откако станал свесен за навредливиот и
клеветнички карактер на објавениот текст или информација, ги превзел
сите технички и други мерки за отстранување на таквата информација.
Барање за отстранување на информација може да поднесе и оштетеното лице.
Мразам сложени и долги зборови и реченици, бидејќи сметам дека човек треба да биде концизен, краток и јасен кога сака да искаже некоја поента.
Затоа, како лаик за толкување на закони и експерт во користењето на интернет услугите ќе се обидам да дадам мое толкување на овој закон. Кажано на попрост јазик:
(1) Ако јас, Јована Тозија објавам навредливи и клеветнички информации на мојот блог, мојот интернет провајдер, во случајов One, ќе ги сноси последиците заедно сосе мене
(2) Мојот интернет провајдер, во случајов One, нема да ги сноси последиците сосе мене доколку:
1) Докажат дека тие мене не ме натерале да ја објавам навредливата содржина
2) Докажат дека не биле свесни дека јас сум објавила навредлива содржина на мојот блог или пак во рок од 24 часа се обиделе да направат се што можат за таа навредлива содржина да биде отстранета
Еве една хипотетичка ситуација со многу реален ауткам ако се изгласа овој закон.
1. Јас доаѓам до непотврдени информации дека Медо има секс многу почесто отколку што тврди на неговиот блог
2. Информациите ги добивам од вработен во мојот интернет провајдер.
3. Го прашувам вработениот дали е ок да ги објавам овие информации, а тој не само што ме охрабрува туку и ме убедува да ги објавам овие информации, бидејќи се уште му е лут на Медо што се ќарил со негова бивша женска
4. Информацијата со предзнак СКАНДАЛОЗНО и фотошопирана слика од Медо со 3 полуголи жени ја објавувам на мојот блог
5. Медо, бидејќи активно го следи мојот блог, го чита тој блог пост и се вади од такт бидејќи неговиот имиџ на форевералоун момак, врз база на кој ќарува женски, е тотално компромитиран
6. Медо бара од мојот интернет провајдер да се отстрани сликата и информацијата за неговиот активен сексуален живот
7. One одговара негативно на ова барање, бидејќи како побогу One ќе избришат контент од мојот блог, освен ако не ми ја пробијат лозинката
8. Медо ме тужи
9. Јас на суд изнесувам извадок од чет хистори со мојот пријател во кој тој ме убедува да ги објавам компромитирачките информации
10. One го јаде на суд, трошоците за отштета ги делиме, а јас морам да ги тргнам од блог компромитирачките инофмрации
11. Медо е среќен и задоволен и продолжува, со еден куп пари во џебот, да го гради својот имиџ на форевералоун момак
Мислам дека ју гет д поинт. Секој пат кога некое дерле, а ги има многу, ќе објави навредлива содржина за јавна личност/политичар/музичар/бизнисмен/сл. и таа јавна личност побара одговорност од интернет провајдерот за изнесената содржина, интернет провајдерот ќе треба да докажува дека не го испровоцирал објавувањето и дека направил се што може за содржината да биде отстранета. Ова секако да се докажува секој поединечен пат е тешко. А за да се заштити себе си, интернет провајдерот или ќе треба да ограничи пристап на своите корисници кон одредени интернет ресурси или да вработи луѓе кои што ќе мониторираат 24/7 што прават нивните корисници. Hence - welcome to China.
Мене ова воопшто не ми се допаѓа. Припадник сум на генерација која што израсна и чии што вредности се основаат врз база на слободата на говор во интенрет просторот. Припадник сум на генерација која што своето независно мислење и ставови за општествените промени ги донесуваше токму благодарение на достапноста на информации (од секаков калибар) на интернет. Интернетот е се што имаме. Интернетот е наш. Не смееме да дозволиме никој да ни го земе. Стоп за цензурата!
CONVERSATION
Subscribe to:
Posts
(
Atom
)
0 comments:
Post a Comment