За агрегаторцките работи
Јас завршив Електро факултет. Учевме меѓу
другото математика. Многу математика. Секој пат кога ќе требаше да се докаже
некоја теорема, доказот на таа теорема почнуваше со „Нека претпоставиме
дека...“ Овој блог пост ќе го започнам токму така.
Нека претпоставиме дека сте сопственик на
дуќан. Дуќанот ви се наоѓа во некој си огромен трговски центар, и во него има
се и сешто. Тој трговски е прилично многу посетуван. Арно ама за да најдат
нешто посетителите, мора да шетаат низ него, да одат од дуќан во дуќан, па ако
нешто им се бендиса да се вратат во првиот дуќан, па да споредат, цело време
наваму натаму.
Тој трговски е прилично посетуван, ама
хаотичен. Луѓето не го наоѓаат секогаш она што ви треба и пазарат во веќе
проверените дуќани. Вашиот дуќан се наоѓа некаде на првиот најпрометен спрат,
ама во некое од споредните ходничиња. Некои дуќани што имаат поатрактивна роба
од вашата имаат ачик места, и кај нив има многу повеќе купувачи. Вие сте вака
така задоволен. Бизнисот врти. Редовните купувачи стално купуваат од кај вас, а
тук там ќе се најде и некој залутан, па некогаш ќе влезе само во дуќанот,
некогаш и ќе купи нешто, некогаш ќе влезе и после тоа ќе си рече дека никогаш
веќе нема да го направи тоа.... и така.
И еден ден, земал еден човек, бидејќи немал
попаметна работа, а го бивало, застанал на задниот влез од трговскиот и го
направил следново. Направил попис на сите дуќани во трговскиот. Ја поделил
нивната роба по категории. И секој ден тој список го ажурирал. На секој што ќе
влезе преку задниот влез од трговскиот му кажувал: Денес најмногу се пазарат, на пример, помаранџи, тазе се стигнати. Најубави се во дуќанот на први, во дуќанот горе на
втори во споредниот влез и во пиљарата на крајот од ходникот. Покрај тоа им ги
набројувал и сите други дуќани каде што има портокали. Истото го правел и за
сета останата роба што се продавала. За возврат секој пат кога некој муштерија
ќе купел нешто, робата му била пакувана во ќеса на која што стоело името на
сортирачот, а не во брендирана ќеса на дуќанот.
На луѓето многу им се бендисувал тој човек. Не
бидејќи бил кој знае колку убав, туку бидејќи им го олеснувал животот.
Доаѓаат во трговскиот набрзина гледаат што се се продава денес, бираат во кои
дуќани ќе отидат, ќе испазарат набрзинка, и си бркаат работа после тоа. Ич не
им било гајле во каква ќеса им се пакува робата.
По некое време човекот станал толку популарен,
што многу голем дел од купувачите почнале да влегуваат преку задниот дел на
трговскиот. Човекот користејќи ја неговата популарност, логично сакал да се
офајди од тоа што го прави иначе за џабе, и си рекол, јас доле кај што стојам и
им кажувам на луѓето што се има да се пазари, ќе поставам реклами. И така
човекот поставил реклами, и почнал од тоа да прави пари. Бизнисот му одел
супер, се повеќе и повеќе луѓе влегуваале преку задниот влез на трговскиот, и се повеќе и повеќе луѓе
излегувале од трговскиот со ќеса на која што стоело неговото име, а не името на
дуќанот од кај што испазариле.
По некое време дел од сопствениците на дуќани
во трговскиот се полакомиле. Си рекле види мајката, да не бевме ние тој немаше
ни да постои, а сега прави повеќе пари од нас. Сакаме дел од колачот. И се
собрале еден ден тие двајца без тројца и му рекле: Слушај. Ти нас ни правиш
бесплатен маркетинг и допринесуваш за поголем број купувачи во нашите дуќани. Благодарение на тебе многу луѓе што никогаш
не би влегле во нашите дуќани, од време на време влегуваат, а понекогаш и
купуваат по нешто. И сето тоа го правиш за без пари. Е од сега па натаму или ќе
ни плаќаш дебела сума месечен износ за да продолжиш да го правиш тоа, или не смееш веќе да ги упатуваш луѓето во
нашите дуќани.
Дали вам оваа „Нека претпоставиме дека“ приказна ви се чини логична? Мене не.
27 comments:
Post a Comment